gototopgototop
  1. Skip to Menu
  2. Skip to Content
  3. Skip to Footer>

Во пријатна и топла атмосфера, со силен емотивен набој, музичка виртуозност и лирски пејсажи помина долгонајавуваниот концерт „Дуке и пријателите“ кој македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев со своите музички соработници го одржаа саботата и неделата во преполната „Метрополис арена“ во Скопје.

Бројна публика од различни генерации, обожаватели и гости кои ја почитуваат и сакаат работата на нашиот познат и признат музичар кој веќе 17 години живее и работи во Њујорк, САД, синоќа имаа несекојдневна прилика да уживаат во една исклучително моќна и магична музичка приказна која на многумина им ги растрепери срцата и им предизвика бура од емоции.

– Добровечер, Скопје! Добровечер, Македонијо! Ми претставува задоволство да бидам дома со публиката со која пораснав, и да се претставам со музика која извира токму одовде , а го прегрнува целиот свет – со овие зборови Дуке ја поздрави неколкуилјадната публика на почетокот на вечерта, и беше поздравен со силни овации и аплаузи.

Честа прва да го отвори концертот ја имаше познатата македонска пејачка Тања Царовска која исто така долги години живее и работи во Лондон, и ја изведе „Си заљубив едно моме“, а со својот сугестивен и нежен вокал создаде една магична и интимна атмосфера во „Метрополис арената“ која вибрираше во ритамот на музичката магија.

По неа следеше настапот на Каролина Гочева која пак премиерно ја изведе познатата „Дојди“ за која изјави дека имала голема желба да ја испее на овој концерт и му се заблагодари на Дуке што и ја исполнил таа желба. А подоцна пред македонската публика премиерно ја изведоа и нивната заедничка нумера која ја објавија пред неколку месеци, емотивната „Најмил мој“ која одлично беше прифатена и поздравена со овации.

Тања Царовска како редовна музичка гостинка на концертите на Дуке ја испеа и познатата „Абер дојде Донке“, како и циклусот нумери од филмот „До балчак“ , меѓу кои и „Ѕвезден шепот“ и познатата „Танго до балчак“ на која публиката одлично реагираше, уживаше и се забавуваше со звуците на раскошната мелодија.

Слушајќи ги одличните инструментални аранжмани, изведбата и музиката на овој концертен проект кој минатата година беше изведен и на сцената на престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк , синоќешниот спектакл беше комплетно аудио и визуелно доживување кое може да се опише како уникатен спој на филмска, класична и изворна музика, со призвук и во духот на македонската традиција.

Еден од најемотивните и најтрогателни моменти на концертот беше делот со нумерите кои Дуке Бојаџиев им ги посвети на својот починат татко.

Тој ја изведе темата „Дома“ за која кажа дека настанала додека ја правел музиката за филмот на македонскиот режисер Митко Панов „Војната заврши“ во 2009, и откри дека во тој период неговата лична приказна некако се совпаднала со приказната на еден од ликовите во филмот, кој исто така го губи својот татко.

Потоа на сцена го покани како што кажа тој – човекот со кој пораснал и близок пријател на неговиот татко, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, и откри дека додека го подготвувале овој концерт го замолил токму тој да ја изведе темата „Татко“, во чест на македонскиот композитор, аранжер и пијанист, Тодор Бојаџиев. Дуке заедно со Каролина Гочева ја изведоа и композицијата на Тодор Бојаџиев , „Празно е без оваа љубов“ , оригинално испеана од Верица Ристеска во 1970-тите години.

Сепак и верзијата која ја исполни Каролина беше прилично моќна и длабока и предизвика многу емоции кај присутните.

Една од своите нумери музичарот му ја посвети и на својот тригодишен син Теодор, пијано изведбата насловена „Тео“ за која добил инспирација да ја искомпонира додека неговата сопруга била бремена.

Музичарот призна дека татковството му дало една нова димензија во животот и дека љубовта која се чувстува за своето дете не може се спореди со ништо друго.

Двочасовниот музички перформанс со својата нарација го збогати и специјалниот гостин на вечерта, актерот Никола Ристановски кој читаше поезија додека Дуке го придружуваше на своето пијано и на мелодика. Дуке на сцената беше придружуван од неговите долгогодишни соработници, кларинетистот Исмаил Лумановски кој исто така живее и работи во САД, и перкусионистите Костас Анастасијадис и Матијас Кунзли – придружувани од камерен оркестар.

Дуке Бојаџиев и неговата музика придружба на бис изведоа уште неколку теми меѓу кои и познатата „Не си го продавај Кољо чифликот“ која ја разигра атмосферата и расположените кај публиката.

Оваа магична и емотивна музичка дружба заврши со заедничката изведба на Тања Царовска и Каролина Гочева кои дуетски ја изведоа антологиската „Калеш Анѓо“ и беа поздравени со бурни аплаузи и овации од публиката во преполната „Метрополис арена“.

Share this post

Слушај радио во Живо

bg_radio

and.play_google

and.qrcode